„ Геноцид 21″, е третата театарска претстава од репертоарот на интернационалниот фестивал на Античка драма Стоби 2011.
Кога џелатот и жртвата си ги променуваат улогите, покајание и простување и падовите и издигнувањата на една цивилизација се темите опфатени во текстот на Љубиша Георгиевски во претставата Геноцид 21.
Претстaвата е аутопсија на еден злостор. Форензичарски увид во митологијата и вивисекција на историјата, мoжеби најхрабриот и, секако, најопстојниот увид во македонско – грчката сторија.
Со своевиден стил на сцената на амфитеатарот ќе ја одиграат актерите од Драмски театар, во режија на бугарскиот режисер Владлен Александров. „Геноцид 21″ е пиеса за војната и мирот, за животот и болката, минатото и бескрајноста.
„Ова е најхрабриот текст што е напишан во врска со тема која нас многу не боли. Не би сакал да зазвучи политички, но едноставно крајно време беше ние македонците да го кажеме нашето мислење, без марамчиња, без ракавици за она што ни се прави нас, рече Рубенс Муратовски, актер.
„Текстот има многу христијанска нишка во него. За цело време се провлекува идејата за покајание и идејата на простување, оти ние сме двајца ѕверови, заборавени од сите во една стапица и болката ја земаме како репер на нашето постоење оти три милениума се гриземе меѓусебе, рече Јелена Жугиќ, актерка.
Следна на репертоарот во петок е претставата Метаморфози, во изведба на Охридски театар.