„Одење по вода. Скица за една поетика“ – Пија Тафдруп

Filed under: region |

Данска има долга традиција на поезија, која оди наназад сî до старите балади. Но, ние, Данците, имаме и повеќе од тоа. Во текот на дваесеттиот век развивме жанр кој врз поезијата имаше влијание слично на она од студиите по реторика на големиот антички филозоф Аристотел. Особено Аристотел е познат по својата поетика. Теоријата на поезијата во негово време се состоела од список на правила за пишување поезија, т.е. била една нормативна теорија. Но, оттогаш наваму теориите на поезијата се имаат развиено до рефлексии за поетските искуства.
Аристотел се обидува да ја анализира литературата со објективност еднаква на онаа со којашто се набљудуваат ѕвездите. Но литературата секако е изменета од времето кога тој ја има напишано својата поетика. Ние во Данска имаме традиција на теоријата на поезијата која се протега наназад сî до Фрагменти од еден дневник на Поул ла Кур (Poul la Cour) од 1948 г.
Покрај моите песни, јас пишувам и текстови од теорија на поезијата. Мојата прва песна се појави во часопис во 1980 г., а првата книга, Кога ангел ја крши нејзината тишина, ја објавив во 1981 г. До сега, имам објавено единаесет книги со песни, напишано две драми и, најново, еден роман. Во 1991 г. ја објавив првата книга по поетика, Одејќи по вода. Скица за една поетика.
Мојата поетика делумно произлегува од данската традиција, со особено влијание од поетиката Сезанова метода на Пјер Хојхолт (Per Højholt), а делумно е создадена и под влијание на сфаќањата на поезијата на Пол Целан (Paul Celan) и Марина Цветаева.
Ја испишав мојата поетика од повеќе причини. Потоа осознав дека сум првата жена во Данска која создала нешто такво, поточно првата таква жена во Скандинавија, но при тоа што останатите нордиски земји ја немаат истата традиција во пишувањето поетики како Данска.
Позадината на мојата поетика се протега наназад до мојата прва објавена песна. Оваа песна беше забележана од Пјер Хојхолт. Дискутиравме со него за тоа како воопшто се завршува песна. Ова беше важен разговор за мене. Открив дека мојата песна се прима во еден дел директно, но, и покрај тоа што е сосема завршена, таа со својата целина побудува и размислување. Натаму, говоревме за тоа дека песната не ви е едноставно надвор од патот откако ќе ја напишете. Од друга страна, таа е во центарот на нештата. Таа е нешто за што можете да зборувате, иако со зборови што ќе бидат различни од оние употребени во неа самата. Дали таа самата одработува нешто? Зошто? Или зошто не?
Овој разговор придонесе за тоа од самото објавување на мојата прва поетска книга постојано да размислувам за прашањата врзани со самиот процес на пишување на поезија. Десет години запишував мета-рефлексии во бележникот, без да знам за што би можела да ги искористам; но сега ја имам книгата Одејќи по вода, која е еден обид да размислувам понатаму.
Кон крајот на 80-тите години (од минатиот век, з. п.) напишав песни во коишто искусив еден тукуречи засташувачки еуфоричен прекин. Ја достигнав точката во којашто морав да почнам да мислам на она што го правев, наместо да го продолжам пишувањето и, можеби, да завршам во слепа улица. Само откако ја испишав мојата поетика, јас можев да се вратам на песните. Мојата поетика беше објавена во 1991 г., а збирката песни Кристалната шума – наредната година…
Разбирливо е да се постави прашањето за тоа кому е оваа поетика наменета. Ја напишав Одејќи по вода. Скица за една поетика примарно со цел јас самата да сфатам што правам кога пишувам. Мојата намера не беше да ги научам другите да пишуваат, но поетикава сигурно ќе биде прочитана од оние што сакаат да знаат што се случува зад песната.
Одејќи по вода. Скица за една поетика
е поетика во дијалог. Таа, од една страна, предизвикува на дијалог со другите теории на поезијата, а е, од друга страна, врзана со сонот на читателот, со жеднеењето за Мост од секунди, како што е насловена една моја книга со песни. Мостот од секунди е оној краткотраен момент во којшто, наспроти сî, го дофаќате Другиот совладувајќи растојанија што инаку се немерливи. Тоа е оној редок момент кога го имате чувството на воспоставување контакт со вистинската суштина на друга индивидуа.
Мојата поетика се состои од петнаесет глави. Би можеле да кажете дека секоја глава би требало да биде засебна книга. Но, оваа поетика тежнее да ги опфати повеќето од темите важни за поезијата во нивната заемна врска.
Овде ќе се концентрирам на некои од овие теми.

Постанок

Првата глава се однесува на постанокот на песната. Посветив голем дел од вниманието на пре-артикулациската фаза, бидејќи таа фаза може да биде и подолготрајна, и бидејќи токму во неа се одвиваат најважните и целосно невидливите процеси. Она што посебно го нагласувам во врска со постанокот на песната е процесот на придавање на најголемо значење на субјективната содржина. Ова е можеби банален предуслов, но самиот тој е сосема неопходен и суштински за конечниот успех на песната. Затоа е неопходно и фокусирањето на овој дел од процесот на постанок на песната. Јас самата ја одбрав формулацијата: АНГЕЛОТ ЖИВЕЕ ОД СПРОТИВНАТА СТРАНА НА СУБЈЕКТИВНОТО.
Писателот станува ангел кога субјективната содржина – возраста, полот, времето, местото, личниот живот – се трга настрана од него: тоа е моментот во којшто јас-то е суштество што пишува.
Го цитирам овде Рембо (Rimbaud) со следнава формулација:
ПОГРЕШНО Е ДА СЕ КАЖЕ: ЈАС МИСЛАМ.
ТРЕБА ДА СЕ КАЖЕ: ЈАС СУМ МИСЛЕН/МИСЛЕНА.
Ова е еден елегантен, прецизен диктат кој го опкружува и прицврстува моментот на создавање, или, појасно, процесот на пишување во којшто подемот не е само од внатрешноста на јас-то кон светот, но подеднакво и обратно: од надвор кон јас-то. Јас-то се покажува како да е измислено или како да започнува да постои во моментот кога на хартијата зборовите се зграпчуваат еден со друг и сликите се одредуваат една со друга – нешта за коишто јас-то што пишува порано никогаш не сонувало, нешта што се единствени, што не можат да бидат искажани поинаку.
Ова е моментот кога јас-то станува вистински постоечко и ова е подрачјето во коешто би сакале да навлезете кај секоја песна: она непредвидливо и изненадувачко подрачје каде сте издигнати до зачудност – и каде треба да се има надеж дека следствено и читателот ќе ја искуси истата сензација на лебдеење. Морам да ја нагласам важноста на фактот дека јас-то игра две улоги во текот на овој процес – активна и пасивна.
Друга важна фаза во процесот на создавање е содржана во овој навод од поетиката:
Од една страна јас можам да го имам чувството како сî или барем нешто од она што е опфатено со песната да постоело пред самата песна, а јас не сум го забележала, по ниеден знак. Зборовите како едноставно да чекале да бидат извлечени. Од друга страна, јас сум таа која во одреден ред ставила точно одредени зборови, создавајќи нови слики, разбирливи за мене дури подоцна, или такви чијшто извор нема никогаш да го осознаам целосно (нешто што исто така се случува). Сум напишала песни што сосема не ги разбирам или чијашто појава останува необјаснива, она чувство дека нешто ненадејно е ставено пред мене, а јас треба независно да го продолжам истото тоа.

Овие редови формулираат една метафизика. Има нешто што постои претходно, а јас треба да го дофатам. Нешто има таму пред да ја напишам песната.
Ваквите преокупации беа во несигурен домен во Данска пред да ја објавам поетиката. Во текот на 90-тите години (од минатиот век, з. п.) се појави извесен интерес за метефизиката. Но во времето на објавувањето на мојата поетика, јас бев предмет на остра критика поради моите метафизички формулации, бидејќи самиот метафизички аспект беше надвор од игра во Данска во текот на претходните декади.
Внимателното читање на редовите цитирани погоре, како и на други пасуси од поетиката, би покажало дека она што се случува кај пишувачот претставува една интеракција, т.е. дека овде не е прашање на чиста метафизика. Пишувачот зазема став кој во еден дел е исчекување, а во друг дел – акција.
Со живеењето со некоја силна смисла, со исчекувањето во концентрација, со постанувањето задлабочен во некој предмет, тема, со постојаното развивање на соствениот јазик, писателот, така да се каже, излегува надвор за да ја сретне можноста. Има песни кои го имаат ефектот на допир на синевината, но често дури отпосле е очигледно што навистина претставувал почетокот на овој допир на просветлувањето. Во песна јас можам да го оцртам ехото на сништата – зборовите со кои сум ја замаглувала смислата, мислите со кои сум била преокупирана итн.
Зошто да се внесуваш себеси во вакви нешта во моментите на очајничкото исчекување само на нова песна? Бидејќи пишувањето е жедба за сегашноста. Минутите или часовите во текот на коишто песната е пишувана се толку моќни и интензивни што не би посакала да сум без нив. Тие се без исклучок моменти на уживање; спротивно, безбројните страдања и болки претставуваат дел од процесот, но ти живееш, исто како што ретко – но многу силно го чувствуваш своето постоење во моменти на длабока безнадежност: во средината на целата тегоба, има исто така чудна среќа во утврдувањето на едноставниот факт за постоењето.
Ние понекогаш се прашуваме еден со друг дали сме се среќни, и често добиваме недвосмислени одговори. Се сеќавам кога еднаш ова прашање ми го постави мојот добар шведски колега, Јан Хенрик Свон (Jan Henrik Swahn), кој тогаш имаше критичен период во својот живот.
Не знам, можеби тој очекуваше дека ќе бидам во состојба да му дадам потврден одговор, без било какви додавки. Јас имав сопствени проблеми во тоа време, бев шокирана од неговото прашање, и, всушност, повратив.
Ние сигурно сме ретко среќни, но некогаш имаме силно чувство дека постоиме, и поради тоа зрачиме со извесно чувство на среќа. Извадокот што се однесува на ова јако искуство на постоење, присуство, тече вака:
Пишувањето е жеднеење за сегашноста, жеднеење да ти се дозволи да постоиш. Тоа е прашање на тоа да се биде затекнат, фатен, прашање на осмелување да се посветиш себеси на контрастите. Задоволството и болката се измешани, и не е повеќе можно да се задржат зборовите кои ненадејно имаат ерупција. Пишувањето песни најпрво и најмногу значи да се постои во сегашноста, но истовремено да се искусуваат и други времиња.
Големото возбудување што пишувањето го дава, чувствувањето дека постоиш сé до врвовите на сопствените прсти, доаѓа во моментот кога успеваш во формулирањето на нешто што не постоело порано, кога именуваш нешто што е без име, кога го артикулираш неартикулираното. Така, за мене главна задача на поетиката е трансцендирањето на славната теза на Витгенштајн (Wittgenstein):
Wovon man nicht sprechen kann, darüber muß man schweigen –
Мораш да бидеш тивок околу она за што не можеш да говориш.

Кога го имам чувството дека имам успешна песна, тоа е токму поради тоа што сум напишала нешто за коешто пред тоа не сум замислувала дека е можно. Со ова немам намера да кажам дека како писател сум изрекла сé. Јас го управив патот нанапред кон нова висока точка во пејзажот, од којашто чувствувам дека сé уште има уште долг пат да се изоди: нов предел ме очекува таму некаде на хоризонтот.
Ние веројатно секогаш пишуваме во илузијата на апсолутната песна, или апсолутната книга, во којашто е напишано сé што е најважно во нашите животи – иако сме многу свесни дека ова е невозможно.
Дали песната доаѓа до писателот или писателот доаѓа до песната? – тоа е вистинското прашање. Сакам да нагласам без сомнеж дека пишувањето е двонасочен процес, што подразбира дека јас не говорам во полза на чистата метафизика, туку за една дијалектика помеѓу она што доаѓа од надвор и она што доаѓа од внатре. Ние понекогаш ќе сметаме за она што доаѓа од надвор дека е прилика, можност, некогаш дека има карактер на чудо. Најважно е, всушност, дека нешто надворешно има своја улога во процесот: ДЕКА ЈАС СУМ МИСЛЕН/МИСЛЕНА, како што вели Рембо.
Кога се заљубуваш, посакуваш многу за оној што го љубиш. Кога пишуваш, можеш да го имаш чувството дека не само некој, туку и некое нешто бара нешто од тебе, дека нешто од надвор дејствува врз тебе. Не е само писателот оној што мобилизира сé. И така, песната е поголема, позначајна од самиот поет. Песната знае нешто што поетот не секогаш го знае. Дејството на уметноста содржи и нешто повеќе покрај самиот уметник.

Релација кон традицијата

Друга глава од мојата поетика што би сакала да ја истакнам е онаа за односот кон традицијата. Би расправала за тоа дека онаа нова поезија која навистина сака да предизвикува, мора сериозно да ја земе предвид претходната поезија. Новата поезија не се состои од негирање на претходната поезија. Поточно, модерната поезија постои само при перцепција на претходната поезија.
Поимот на tabula rasa е илузорен: сé што знаеме, знаеме низ јазикот. До извесна граница, традицијата е наметната врз нас, но како писатели ние самите одбираме да бидеме апсорбирани од неа во поголем или помал степен.
Тоа што во Одење по вода имам глава која се занимава со класичните дела е природно, бидејќи јас самата сметам дека класичните почетоци го одредуваат конкретното ново дело. Јас ја изразувам својата индивидуалност во пишувањето низ еден обид да ги обединам минатото и сегашноста на самата таа индивидуалност. Дијалектиката во уметноста израснува во полето на напрегање јавено помеѓу традицијата и експериментот. Во првиот дел од главата за традицијата во мојата поетика, давам еден важен цитат од Рилке (Rilke):
Denn das Schöne ist nichts als des Schrecklichen Anfang, den wir noch gerade ertragen.

Бидејќи убавото не е ништо друго туку почеток на страшното – нешто што ние можеме единствено да го поднесуваме.
(Од: Првата дивинска елегија.)

Рилкеовиот анѓел не е убав, туку ужасен. Тој е поимот на она што ние денес го нарекуваме инспирација. Две спротивни категории – убавото и ужасното – се индикации на поимот на убавина откако францускиот симболизам раскина со класичните естетски идеали. Модерната идеја на реалноста е сé уште поврзана со расцепот случен во времето на Бодлер (Baudelaire).
Дури и денес, моите песни ја имаат за цел убавината, сосема свесни дека таа не постои во некаква изолација, туку дека се пројавува во краткотрајни проблесоци или дека влегува во релации со хаотичното, ужасното, шокирачкото, фрагментарното, нехармоничното итн., кои се сите дел од секојдневниот живот денес…

Јазик

Третата глава од Одење по вода се однесува на јазикот.
Јазикот е мојот материјал. Јас не го поседувам јазикот, јас него го земам на заем, и кога пишувам – јас правам алфабетот да е мој. Како и да е, чудното се состои во тоа што јас не сум единствената што пишува; јас сум исто така и допрена од она што го пишувам. Некое заемодејство ненадејно ме обзема, а тоа е, секако, повторно врзано со наведената формулација на Рембо:
ПОГРЕШНО Е ДА СЕ КАЖЕ: ЈАС МИСЛАМ.
ТРЕБА ДА СЕ КАЖЕ: ЈАС СУМ МИСЛЕН/МИСЛЕНА.
Тоа што е напишано дејствува наназад кон писателот: јас самата сум поставена таму, во тоа дејство, гледајќи поинаку од пред тоа. Мојата судбина е допрена со секоја книга што ја пишувам.
Моето гледиште е дека зборовите поединечно не се поетични, но зборовите додадени на други зборови можат во најсреќниот случај да произведат поезија. Не е светот тој кој мора да биде поетичен како јас би можела да создавам поезија, туку јас сум таа која мора да биде способна да им придаде вредност на зборовите. Трансформацијата во уметност се одвива во самата организација на зборовите, во концентрацијата низ којашто се пројавува акумулација збиена претходно. Тоа е она овде каде што означената димензија се трансформира во слика-вредност, овде синтаксата се отвора – или се крши, овде се исфрлаат нови зборови и се појавуваат нови ритмови. Во поезијата, тоновите и боите се ослободени. Во поезијата, зборовите добиваат вредност различна од секојдневната, овде музикалноста и сугестивното се многу важни квалитети.
Јазикот самиот по себе е студен, материјалот е студен. Под “материјал” овде ја подразбирам сумата на сите знаци со коишто ја пишувам песната. Но, тој материјал може да биде манипулиран. Јас сум таа што истиот го прави топол и мек. Јазикот се пополнува со мојот здив, го следи движењето на моето тело. Слично, јазикот самиот по себе е бесполов. Моето бучно однесување е она што него го подига…
Јазикот е само јазик, и – тој не треба да се заменува со предметите. Јас не можам да пишувам со зборот “перо”. Нема во данскиот јазик договор помеѓу зборот и нештото; многу ретко звукот е оној што нé поврзува со објектот.
Јазикот има свои геолошки слоеви. Тој содржи неколку ери. Оригиналното значење на зборовите може да е веќе изгубено, но ново и исто толку важечко значење може да почне да постои. Јазикот флуктуира. Така, јас не сум оставена во последните урнатини на јазикот. Јас сум полна со вербални визии, и сé уште верувам во волшебната моќ на јазикот во поезијата.
Поезијата е прашање на концентрација, таа е еден јазик во јазикот, место каде што кристалите се пакувани густо. Поезијата не е мистичен акт, но е една анти-граматика, анти-синтакса, чудна страст, фонетска, акустична и ритмичка можност, која игра улога во одредувањето на јазичниот израз. Поезијата е една акробатика на звукот, една ориентација во светот. Поезијата е. Поезијата гради врз фигуративната моќ на јазикот, неговата музикалност и сугестивни вредности, но еднакво толку и на страната на семантиката. Поетската густина на значењето не е желба да се блокира интерпретацијата, туку еден обид да се прокламира многукратноста, разноврсноста.
Кога мозокот работи, тој гради врз развиени мрежи и интегрирани принципи. Создавањето не значи да се поседува целата мудрост во светот, туку да се биде способен секогаш наново да се раѓаш. Моето гледиште на јазикот е дека тој е “илјада пати роден”. Бројката илјада е магична и бајколика, таа е поврзана со 1001 ноќ, со нешто што е илјадакратно. Но, најпрво и најпримарно, јас го поврзувам концептот на илјада пати роден со процесот на постанок, со пристигањето на зборовите, со мислите кои можат да се одврзат себеси со сите свои илјадакратници.
Јас сум обземена од илјадниците можности понудени од јазикот. Тоа што некоја можност одбирам или некоја од нив ме одбира мене има позадина што е мистериозна и протегната низ целината на мојот живот.
Кога една песна е напишана, во светот е внесено нешто што порано не било таму. Песната е свет изграден од имагинација… Зборовите се изродени од мојата уста или перо.
Голем број на писма во светот се состојат од помалку од 30 букви. Илјадници и илјадници можности се раѓаат од овој мал број букви. Тоа е прекрасно преземање на многукратноста, многуможноста што ни е заедничка на сите. И токму ова преземање предизвикува атмосфера на еден Вавилон.
Нема да ги дискутирам сите глави на мојата книга, но дозволете ми да завршам со еден навод од Одење по вода. Јас ја нарекувам мојата поетика лебдеечка поетика, а овој навод претставува една минијатура на целата книга:
Мојата теорија на поезија може да биде наречена лебдеечка теорија на поезијата, бидејќи според неа целото значење на поезијата доаѓа од внатре. Реалноста е само реалност. Она што нејзе ñ дава длабочина и димензија е надоврзувањето кон неа на индивидуата. Надворешната реалност така зависи од внатрешната, емотивната реалност. Под лебдеење не подразбирам ниту ангелска позиција ниту некакво бегство, туку среќно духовно воздигање на индивидуата што го произведуваат тежината и силата на поетските слики, односно краткотрајна јаснотија на духовната состојба предизвика од дејството на песната.
Уметноста мора да биде нешто повеќе од чиста допадливост. Имено, присуството на страст е неопходно. Да се пишува песна за мене е процес кој ме издига, отвора и ми дава чувство на одење по вода. И, можеби, песната, благодарејќи на сопствената умешност, ќе направи и читателот исто така да лебдее за момент?
Она на што се надевам е да се поврзат зборовите на таков начин што да можат да добијат аура на значење, важност. Фактот што тоа значење доаѓа од внатре, и што работите мораат секогаш да бидат мотивирани во мене лично, имплицира осаменост. Но, никој друг не може да ја произведе мојата внатрешност, бидејќи во неа се наоѓа цело едно множество на биолошки услови кои се неотповикливо мои и само мои. Никој друг освен мене не може да се разбуди од мојот сон, никој друг не може да умре со мојата смрт. Јас си припаѓам себесе. Јас си ја поднесувам мојата судбина.
Да се биде самиот со себе е нешто што било кое човечко суштество тешко го поднесува, но: колку подлабоко продирам во самотијата, толку помалку сум осамена.
Песната се пишува од позиција на осаменост, но најважната работа е што поетот мора да допре до некое друго човечко суштество. Кога пишувам, немам на ум некој поединечен читател. Адресата е непозната, но личноста која сака да влезе во мојата песна мора да се чувствува избрана.

Превод од англиски:
Вера Чејковска

__________________________________

Оставите одговор

Ваша адреса е-поште неће бити објављена. Неопходна поља су означена *

Dokaži da nisi mašina: * Time limit is exhausted. Please reload CAPTCHA.

*